8 прашања со Никола Тодороски

На 15-ти декември го гледаме новото стенд-ап шоу на (ние би рекле без премногу размислување) најпопуларниот наш комичар – Никола Тодороски со наслов „Да болиТ!“ кое се распродава кај и да стигне, па зашто да не и во Скопје! Никола ќе настапи во 20 часот, во старото добро Кино Фросина во Младинскиот Културен Центар, а шоуто ќе го отвори Никола Братучед Сиљановски – негов долгогодишен колега (од истата школа за комедија).

За шоуто можете да прочитате повеќе ТУКА, билетите се ТУКА, а што одговори на нашите 8 прашања е исто така тука  👇🏼

1 – Зошто баш стенд-ап?
Зошто кога е добро шоу и кога си поврзан со публиката не постои посилно чувство на задоволство од тоа маса луѓе да се смеат гласно. Плус тоа што си сам автор и луѓето очекуваат да им кажеш што мислиш мислам дека таква шанса не се добива ни на наградна игра.

2 – Што те инспирира при креирање на нов материјал?
Се што се случува околу мене и внатре во мене. Фраза што сум ја слушнал од комшија кој е досаден (pain in the ass), нешто што ми текнало дур се туширам па барам хартија да го запишам, некоја случка, политичички дешавки, нешто што другите го знаат ама ќутат..

3 – Топ 3 стенд-ап комичари според тебе?
Џорџ Карлин заради формата, социјален коментар и филозофија.
Робин Вилијамс заради актерска слобода, карактери, импровизација, чиста анархија на сцената.
Луис ЦК заради кршење на табуа и зборување за работи за кои не е лесно да се зборува.

4 – Има ли стенд-ап култура кај нас?
Да. И од година во година сцената се повеќе расте. Во моментов функционираат неколку екипи во повеќе градови, се снимаат стендап шоуа, се создадоа клубови во кои редовно настапуваме. И ова е само почеток. Сметајте го ова како закана.

5 – Најголем професионален предизвик?
Светска стендап турнеја. Имаме ние доста што да му кажеме на светот.

6 – Највпечатлива реакција од публика досега?
Неколку пати сум слушнал реакции од публика од луѓе кои се смеат и им течат солзи да речат “Ох не можам повеќе, пукнав“.. Нема поубаво чувство.

7 – Нешто интересно за тебе што не го знаат многу луѓе?
Хоби ми е бонсаи и тренирам боречки вештини.

8 – Совет за надежни стенд-ап комичари?
Пишување материјал колку што се може почесто и што повеќе настапи. Макар и пред другари и родители.

Се гледаме во четврток, 15-ти декември во Кино Фросина, Младински Културен Центар на „Да БолиТ!“ ака #bestshowintown 🔥

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *